Ливерпул не е премногу активен за доведување на засилувања во овој преоден рок бидејќи приоритет за управата е да се задржат клучните играчи од шампионската генерација од пред две години. Нов договор прв потпиша десниот бек Трент Александер Арнолд, а од денеска на верност кон „црвените“ до 2026 година се обврза и Фабињо.
Бразилецот пристигна на „Енфилд“ во 2018 година од редовите на Монако и се наметна како еден од лидерите на тимот на Јирген Клоп, па „црвените“ неслучајно настојуваа што поскоро да го потпишат Фабињо на подолг период.
„Воодушевен сум што потпишувам нов договор со клубот. Од самиот почеток на преговорите бев убеден дека ќе најдеме заеднички јазик бидејќи тоа беше желба на сите, да останам овде и да продолжам да го носам дресот на Ливерпул. Остваривме толку многу работи заедно, израснавме како екипа и едвај чекам да продолжиме во ист стил“, изјави Фабињо.
Следен на листата на играчи кои треба да потпишат нов договор е голманот Алисон Бекер, а во тек се преговорите и со напаѓачите Мохамед Салах и Садио Мане.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА