Ливерпул го освои „Сент Џејмс Парк“, се враќа во игра за Европа

Ливерпул конечно успеа да врзе неколку квалитетни натпревари во Премиер-лигата, славејќи со 0-2 на гостувањето против Њукасл со што „црвените“ се враќаат во игра во борбата за излез во фудбалска Европа. Тимот на Јирген Клоп умешно ги искористи шансите во првото полувреме, а голема предност имаше и по почетничката грешка на домашниот голман Поуп, кој доби црвен картон во првото полувреме.

Њукасл тргна офанзивно, не искористи неколку полушанси, но потоа беше казнет од гостите од „Енфилд“, кои набрзина поведоа со 0-2. Резултатот го отвори Дарвин Нуњез на асистенција на Александер Арнолд, а нешто подоцна на 0-2 зголеми Коди Гакпо по маестралното додавање на Мо Салах.

Сите надежи за камбек на Њукасл исчезнаа откако Ливерпул тргна во контранапад, а Поуп во обид да го запре Салах играше почетнички со рака надвор од сопствениот шеснаесетник, за што заслужено доби директен црвен картон.

Двата тима имаа одлични шанси во второто полувреме, но мрежите мируваа, па Ливерпул заслужено ги освои бодовите на ова тешко гостување. „Црвените“ се искачија на делба на седмото место со Брајтон, но сега имаат само шест бода помалку и меч помалку во однос на четвртопласираниот Њукасл.

Се вчитува...