Ливерпул го продаде Португалецот за 22,5 милиони фунти

Фабио Карвалјо и конечно стави крај на авантурата во Ливерпул откако денеска беше продаден во редовите на Брентфорд за сума од 22,5 милиони фунти.

Младиот Португалец дојде од Фулам во 2022 година, но не се изнаигра кај Јирген Клоп, па лани беше испратен на позајмици најпрвин во Лајпциг, а потоа и во редовите на Хал. Карвалјо настапуваше на подготвителните средби во САД, постигна и голови против Арсенал и против Манчестер Јунајтед, но тренерот Арне Слот јасно му стави до знаење да не се надева на посериозна минутажа, по што тој реши да си замине од клубот.

Брентфорд беше најконкретен во преговорите нудејќи загарантирани 22,5 милиони фунти, плус пет милиони врзани со неколку клаузули, но и 17,5% од следниот трансфер на Карвалјо. По лекарските прегледи, 21-годишниот Португалец денеска и официјално потпиша договор на пет сезони со новиот клуб.

Следен на листата заминувања од „Енфилд“ е младиот Боби Кларк, кој е многу блиску до потпис за австрискиот првак Салцбург во трансфер вреден над 10 милиони фунти.

Се вчитува...