Ливерпул успешно финализираше уште еден трансфер, овојпат за продажба на голманот Каомин Келехер кој својата кариера ќе ја продолжи во дресот на Брентфорд.
Ирскиот голман имаше одлични две сезони како резерва на Алисон Бекер, прикажувајќи добри игри во периодот кога Бразилецот беше повреден, но Келехер не ја криеше желбата летово да си замине од „Енфилд“ во клуб во кој ќе биде стандарден првотимец. Понуди за неговите услуги испратија и Вест Хем, Лидс и Борнмут, но раководството на Брентфорд експресно се договори со Ливерпул, добивајќи зелено светло за да го комплетира овој трансфер.
Брентфорд пред два дена ја комплетираше продажбата на својот прв голман Марк Флекен во Баер Леверкузен за 9 милиони фунти, по што овој клуб се согласи да ја плати сумата што ја бараше Ливерпул (18 милиони фунти) за да го потпише 26 годишниот Ирец.
Ливерпул мораше да го продаде Келехер ако се знае дека летово на „Енфилд“ и официјално ќе пристигне Мамардашвили, Грузиецот чиј трансфер беше договорен пред една година, минатата сезона ја мина на позајмица во Валенсија, но сега и официјално ќе му се приклучи на Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

