Баерн Минхен се посрамоти на полуфиналниот меч од „Ауди Куп“ што се одржува на „Алијанц арена“, откако баварскиот гигант беше декласиран од Ливерпул со убедливи 0-3.
Избраниците на Јирген Клоп му одржаа лекција по модерен фудбал на германскиот првак, покрај трите погодоци создавајќи уште неколку стопроцентни шанси што не успееаја да ги искористат. Мечот беше решен уште во првото полувреме, кога Мане го отвори резултатот по грешката на Толисо, пред Салах да зголеми на 2-0 откако голманот на Баерн кратко ја одби топката по одличниот шут на Морено.
Клоп во текот на второто полувреме го промени речиси целиот тим, но Ливерпул не само што одолеа на налетите на играчите на Баерн предводени од Левандовски, Милер и Рибери, туку и повторно создаваше шанси во противничкиот шеснаесетник.
Конечните 0-3 беа ремек-дело на Даниел Стариџ, кој од шеснаесет метри го лобуваше домашниот голман, но англискиот репрезентативец при шутот го повреди мускулот и мораше веднаш да го напушти теренот.
Ливерпул во големото финале ќе се сретне со Атлетико Мадрид, додека Баерн во мечот за третото место ќе ги одмери силите со Наполи.
All Goals & Highlights HD – Bayern Munich 0-3… by football365life2
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА