Ливерпул го очекува период на коренити промени, а газдите на клубот се решија да тргнат со ремонт од самите темели, па пред да биде доведен наследникот на Јирген Клоп најпрвин ќе биде именуван нов директор ан клубот.
Навивачите на Ливерпул се задоволни откако денеска беше објавено дека пред договор со „црвените“ е Мајкл Едвардс, поранешниот директор на клубот кој во последните две седмици води интензивни разговори со американските газди на клубот. „Црвените“ инсистираат на камбек на Едвардс за изградба на нова ера по заминувањето на Клоп, бидејќи токму овој млад оперативец беше меѓу најзаслужните за создавање на империјата со која раководеше германскиот стратег.
Токму Еванс е човекот кој го убедил Клоп да го ангажира Мохамед Салах, а во неговиот претходен мандат беа доведени и Алисон Бекер, Вирџил ван Дајк, Садио Мане… Тој го напушти клубот од „Енфилд“ пред две години, во меѓувреме ги одби директорските функции во Челси и во Манчестер Јунајтед, а во прв момент ја одби и понудата за камбек во Ливерпул.
Сепак, газдите на „црвените“ инсистираа токму на Едвардс, па на крајот му понудија повисока оперативна функција. Едвардс наместо спортски ќе биде оперативен директор во клубот, но ќе има влијание врз изборот на тренер и нови фудбалери.
Се очекува договорот со Едвардс да биде потпишан до крајот на месецот, по што ќе биде ангажиран и нов спортски директор. Прв „пик“ за оваа функција сега е Ричард Хјуз, кој најави дека ќе го напушти директорското столче во Борнмут подготвен за преселба во поамбициозен клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА