Шалке ќе го загуби и својот втор германски бисер откако по Леон Горецка денеска и капитенот Макс Мејер објави дека на крајот од сезонава ќе си замине од Гелзенкирхен, и тоа како слободен играч по истекот на актуелниот договор на 30 јуни. Раководството на Шалке во изминатиот период му даде неколку понуди на одличниот играч за врска за продолжување на соработката, за челниците на бундеслигашот денеска самите да признаат „капитулација“ во овие преговори.
„Макс Мејер ќе го напушти тимот како слободен играч. Заминувањата се природна појава во светот на фудбалот, а што се однесува до нас како клуб се однесувавме високо-професионално. Ако ги погледнете Горецка или Колашинац, ви станува јасно дека ваквите работи станаа нормални за нас. Ве уверувам дека Макс ќе биде третиран како и сите останати момци до крајот на сезоната“ – изјави генералниот менаџер на Шалке, Кристијан Хајдел.
Според германските медиуми, Мејер е најблизу до преселба во Премиер-лигата, каде Ливерпул и Арсенал почнуваат трка за неговите услуги. „Црвените“ претходно на ваков начин од Шалке го доведоа Матип, а „топчиите“ без отштета лани го ангажираа Колашинац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА