Ливерпул и Баерн Минхен развија одличен однос во изминатите години, најпрвин со коректните преговори при трансферот на Тијаго Алкантара на „Енфилд“, нешто подоцна потврдени и кога Садио Мане си заминуваше од клубот, а „црвените“ приоритет во преговорите му дадоа токму на баварскиот гигант.
Управите на двата европски гиганти повторно се на маса дискутирајќи за нов трансфер, овојпат на екс-германскиот репрезентативец Леон Горецка, кој е блиску до преселба во Ливерпул. Горецка не беше најстандарден лани кај Тухел, а по најавените трансфери на баварците за летово јасно е дека неговата минутажа воопшто нема да се зголеми. Раководството на Баерн бара купец за овој искусен играч за врска, но проблем е што досега не доби ниту една конкретна понуда за перманентен трансфер.
Ситуацијата се обидуваат да ја искористат челниците на Ливерпул, кои веќе ги почнале преговорите за Горецка. Ставот на „црвените“ е јасен, за овој играч доаѓа во предвид само позајмица со клаузула за можен (незадолжителен) откуп следното лето. Притоа, Ливерпул е подготвен да плати околу три милиони евра за позајмицата, но и да ја покрие платата што Горецка би ја земал во Баерн во сезоната што следи.
На потег се баварците, кои дефинитивно ќе мора да направат простор во буџетот за да доведат уште неколку засилувања, кои веќе беа најавени од германските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА