Ливерпул има чудо од дете – скрши нога, не се знаеше дали пак ќе игра, а тој се врати за четири месеци со гол

Харви Елиот имаше извонреден камбек на терените во дресот на Ливерпул, нешто повеќе од четири месеци по страшната повреда што новиот „бисер“ на „црвените“ ја заработи на дуелот со Лидс.

Елиот тогаш настрада и на носилки беше пренесен во болница, таму беше констатирана скршеница на скочниот зглоб, по што се стравуваше дали 18-годишниот фудбалер воопшто ќе може да се врати на терените до крајот на сезонава. Сепак, младиот и суперталентиран играч на Ливерпул не само што се врати, туку го направи тоа пред лекарските прогнози – на почетокот на февруари, па и само по десетина минути минати на теренот успеа да постигне гол.

Резултатот на мечот од ФА Купот меѓу Ливерпул и Кардиф гласеше 2-0, кога Елиот одлично се снајде во шеснаесетникот и со прекрасен волеј удар го постигна третиот гол за „црвените“, на огромно задоволство на Јирген Клоп и на фановите на домашниот тим.

Се вчитува...