Ливерпул е на чекор до освојување на титулата во Премиер-лигата, управата води интензивни преговори за да ги задржи Ван Дајк, Салах и Александар Арнолд, но веќе се повлекуваат и првите чекори за доаѓање на нови фудбалери во текот на летниот преоден рок.
„Црвените“ се сериозно загреани за ангажман на Александар Исак од Њукасл, но еден од приоритетите на Арне Слот ќе биде ангажман на нов квалитетен лев бек, што би го заменил Енди Робертсон како прва опција на оваа позиција почнувајќи од следната сезона. На врвот на листата со желби се наоѓа Милош Керкез, одличниот 21-годишен фудбалер кој блеска во дресот на Борнмут, импресионирајќи како со своите дефанзивни квалитети, така и со способноста да се пресели на противничката половина.
Керкез е фудбалер кој е по мерак на Арне Слот, а голем плус за Ливерпул во оваа трка (во која се уште и Арсенал и Манчестер Јунајтед) е што „црвените“ го имаат Доминик Собослаи, капитенот на унгарскиот национален тим кој е репрезентативен колега на левиот бек. Унгарските медиуми тврдат дека Керкез веќе му кажал ДА на Ливерпул, но сега останува потешкиот дел од задачата – „црвените“ да се договорат со Борнмут околу висината на отштетата.
Адут на Ливерпул во овие преговори ќе биде Келехер, одличниот ирски голман кој летово сигурно ќе си замине од „Енфилд“, а Борнмут покажува сериозен интерес за да го доведе во своите редови. Ливерпул е подготвен да преговара за директна размена, со доплата од околу 15 милиони фунти, за веќе во текот на оваа сезона да постигне целосен договор и да го потпише Керкез, решавајќи една од клучните работи за претстојниот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА