Ливерпул доминира во Премиер-лигата, но управата на клубот се наоѓа во незгодна ситуација ако се знае дека тројца лидери на тимот, Вирџил ван Дајк, Мохамед Салах и Трент Александер Арнолд ги одработуваат последните месеци од договорите што ги имаат со гигантот од „Енфилд роуд“. Нивните договори истекуваат на 30 јуни 2025, што им дава за право уште на 1 јануари (за помалку од еден месец) да потпишат преддоговор со друг клуб надвор од Премиер-лигата, што ќе стане вадилен од 1 јули 2025 година.
Раководството на „црвените“ имаше разговори, но дури денеска го повлече првиот конкретен потег на оваа тема, испраќајќи конкретна понуда за нов двогодишен договор со Вирџил ван Дајк. Деталите не се обелоденуваат во јавноста, но веднаш беше откриено дека Ван Дајк експресно ја одбил оваа понуда. Без оглед на негативниот одговор, и кај двете страни постои оптимизам дека ќе биде најден заеднички јазик и извонредниот дефанзивец во блиска иднина ќе потпише нов договор со „црвените“.
Англиските медиуми најавуваат дека позитивно течат разговорите и со Трент Александар Арнолд, кој иако се уште нема добиено конкретна понуда ставил до знаење дека би сакал да остане. Иако шпанските медиуми торпедираат со информации за негов преддоговор со Реал Мадрид, ставот на Трент е приоритет во преговорите да му даде на Ливерпул, а само ако овие разговори не вродат со плод во приказната да се вклучат и „кралевите“ од Мадрид.
Мохамед Салах јавно ги прозва клупските челници бидејќи уште нема добиено никаква понуда. Сепак, извори блиски до клубот тврдат дека се водат разговори со неговиот агент и се очекува во следните десетина дена Салах да има понуда на маса, по што „фараонот“ ќе треба да донесе одлука дали да остане на „Енфилд“ или можеби да се реши за нов предизвик пред крајот на својата кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА