Ливерпул може да здивне по повредата на Ван Дајк

Повредата на Вирџил ван Дајк заработена на дуелот со Саутемптон не е сериозна и командантот на одбраната на Ливерпул нема да мора да паузира од фудбалските терени. Ова вечерва го соопшти Јирген Клоп, смирувајќи ги страстите меѓу фановите на Ливерпул во пресрет на двата супертешки дуели што ги очекуваат „црвените“ во следните две премиерлигашки кола, најпрвин гостувањето против Челси, а потоа и домашниот натпревар со шампионот Манчестер сити.

Ван Дајк беше повлечен од игра на половина од второто полувреме, но Клоп порача дека проблемот не е сериозен.

„Вирџил играше повреден бидејќи и пред мечот чувствуваше болка во пределот на ребрата. Потоа доби удар токму во тој дел од телото, па решивме повеќе да не ризикуваме. Не би требало да е ништо сериозно, го очекувам назад на тренинг во текот на следната седмица“ – истакна Клоп.

Холандскиот дефанзивец сигурно ќе добие поштеда на дуелот од Лига-купот на Англија, на „Енфилд“ против Челси, но се очекува да биде во тимот на Ливерпул на премиерлигашкиот меч со истиот ривал, следната сабота на „Стемфорд бриџ“.

Се вчитува...