Ливерпул се врати на „плус шест“ во одноа на Манчестер Сити на врвот на премиерлигашката табела откако „црвените“ во репризата на последното финале од ЛШ против Тотенхем триумфираа со 2-1. Тимот на Јирген Клоп се најде во непријатна ситуација откако по неполна минута „спарси“ поведоа преку Кејн.
Следеа бројни шанси што домашниот тим не ги искористи, па на одмор се замина со резултат 0-1. Тотенхем има за што да жали бидејќи на стартот од второто полувреме Сон ја погоди гредата во ситуација кога го имаше минато и Алисон Бекер. Казната стигна експресно, Хендерсон израмни на 1-1, а пресвртот од пенал го комплетираше Салах, по прекршокот на Орие над Садио Мане.
Проблем за Клоп сигурно претставува повредата на Салах, кој мораше да биде заменет во второто полувреме поради обновување на старата повреда на скочниот зглоб.
Манчестер Јунајтед по подолго време стигна до лесна и рутинска победа, на гостински терен против Норвич со 1-3. Мектоминеј го отвори резултатот, а потоа на сцена стапи Маркус Рашфорд, кој со два гола ја запечати победата на „црвените ѓаволи“. Покрај трите гола, гостите од Манчестер не реализирааа и два пенали (по еден Рашфорд и Марсијал).
Арсенал во суперинтересен натпревар ремизираше 2-2 во лондонската пресметка со Кристал Палас. „Топчиите“ водеа со головите на Папастатопулос и Давид Луиз, а гостите успеаја да се вратат преку Миливојевиќ и Ају. Папастатопулос во финишот постигна и втор гол за ново водство на Арсенал, но радоста беше скратена откако погодокот беше поништен со ВАР.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА