Арсенал се врати во трката за титулата во Премиер-лигата откако „топчиите“ во денешното дерби го совладаа лидерот Ливерпул со 3-1. „Црвените“ ослабени го совладаа Арсенал во Лондон во рамките од ФА Купот, но денеска не успеаја да го повторат успехот, одиграа под своите можности, а згора на тоа примија почетнички гол со кој Арсенал стигна до победата, директна вина на голманот Алисон Бекер.
Лондонскиот тим подобро го отвори мечот и заслужено поведе преку Сака, кој натрча на една одбиена топка и ја смести во мрежата. „Топчиите“ потоа се решија да ја бранат предноста, што им се одмазди пред самиот крај на полувремето кога Луис Дијаз со голема борба ја сврте топката кон петерецот, каде Габриел со несмасна интервенција ја смести во сопствената мрежа.
Второто полувреме беше израмнето се до големата грешка на гостинската одбрана, кога Ван Дајк загради, но остана свртен со грб, Алисон Бекер ја промаши топката, па Мартинели немаше тешка задача да ја смести во празната мрежа.
Фрустрациите на Ливерпул се зголемија откако Конате на пет минути до крајот доби црвен картон, а Арсенал го искористи тоа за да постигне и трет гол преку Тросар, шутирајќи низ нозете на Бекер кој дефинитивно немаше свој ден попладнево на „Емирати“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА