Барселона е тргната во тотална офанзива по Филипе Кутињо, но Ливерпул ќе стори се за да го задржи својот најдобар фудбалер на „Енфилд“ и во новата натпреварувачка сезона. Весникот „Мирор“ објави дека ставот на Јирген Клоп е јасен, вратата за заминување на бразилскиот генијалец е затворена без разлика колку пари е подготвен да понуди каталонскиот гигант за неговите услуги.
Шпанските весници тврдат дека трансферот е близу до реализација, но добро упатени извори во Ливерпул посочуваат дека ставот на премиерлигашот е цврст – Кутињо не е за продажба. Барселона досега испратила само една официјална понуда, од 70 милиони фунти и истата била експресно одбиена од англискиот премиерлигаш. Сега каталонците подготвуваат 100 милиони фунти за Кутињо, но ниту оваа зголемена понуда нема да го промени ставот на Јирген Клоп и на раководството на „црвените“ од „Енфилд“.
Според британските медиуми, Бразилецот ги има договорено личните услови, но исто така и ставил до знаење дека ќе си замине само доколку двата клуба се договорат за отштетата, а тој не планира да поднесува барање за трансфер за да издејствува заминување од „Енфилд“. Во Ливерпул планираат да го искористат тоа за да го задржат Кутињо во своите редови.
Јасно е дека на каталонците им се брза, за дваесетина дена треба да најдат адекватна замена за Нејмар, а како опции покрај Кутињо им остануваат Дибала од Јувентус и Дембеле од Борусија Дормтунд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА