Ливерпул не се откажува од трката за титулата

Ливерпулјасно покажува дека нема намера да се откаже од трката за титулата во Премиер-лига откако избраниците на Јирген Клоп славеа со 0-2 на незгодното гостување против Брајтон. „Црвените“ во првиот дел од сезонава загубија два бода од овој ривал прокоцкувајќи предност од 2-0 за конечни 2-2 на „Енфилд“, но овојпат Ливерпул беше на висина на задачата во одбраната и не дозволи камбек на противникот.

Брајтон беше подобар само во првите десетина минути, во кои домаќините со пресингот му создадоа многу проблеми на фаворитот. Штом ја стабилизираше играта на средината од теренот, Ливерпул почна да го контролира темпото, стигнувајќи до водство со погодокот на Луис Дијаз по одличното додавање од половина на теренот на дефанзивецот Матип.

Салах ја погоди гредата на самиот почеток од второто полувреме, но Египќанецот затоа беше прецизен од белата точка неколку минути подоцна, откако Бисума играше со рака по обидот на Наби Кеита.

Со овој триумф Ливерпул се враќа на само три бода негатива во однос на лидерот Манчестер Сити во трката за титулата во Премиер-лигата.

Се вчитува...