Дарвин Нуњез беше рекордно засилување на Ливерпул при трансферот од Бенфика, но уругвајскиот голгетер не ги оправда очекувањата на „црвените“. Англискиот првак е подготвен да даде зелено светло за негова продажба, но „црвените“ веќе ставија до знаење дека немаат намера евтино да го продадат Уругваецот, одбивајќи ја и втората понуда на Наполи за овој фудбалер.
Преговорите меѓу клубовите почнаа уште пред петнаесетина дена, Ливерпул одби 42 милиони евра од италијанскиот првак за Дарвин, а разговорите потоа беа во прекин по трагичната смрт на Диого Жота. „Наполитанците“ во текот на вчерашниот ден испратија и втора понуда – во вкупна висина од 50 милиони евра, но само неколку часа подоцна пристигнал и одговорот од Англија – негативен од „црвените“.
Арне Слот се наоѓа во небрано бидејќи по смртта на Жота не би сакал да остане без уште еден напаѓач, но Дарвин од друга страна инсистира на трансфер во клуб каде би имал посериозна минутажа за да може да ги покаже своите квалитети.
Ливерпул од стартот на преговорите инсистира на 70 милиони евра отштета за Нуњез, ваква понуда доби од Саудиска Арабија (но фудбалерот сака да остане во Европа), па останува да се види дали ќе може да биде најден заеднички јазик со „наполитанците“ за овој трансфер да се реализира.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

