Ливерпул се соочува со сериозен проблем на самиот старт од новата премиерлигашка сезона откако Арне Слот потврди дека Џереми Фримпонг се повредил и му претстои пауза од терените.
Холандскиот фудбалер беше стандарден на позицијата десен бек на претходните средби, а Слот ќе мора да се снаоѓа ако се знае дека и резервната опција Конор Бредли е повреден и прашање е дали ќе може да се опорави за дербито со Њукасл на „Сент Џејмс Парк“ закажано за понеделник.
„Фримпонг има проблем со мускулот. Повредата не е премногу сериозна, но тој сепак ќе паузира до репрезентативната пауза. Бредли денеска тренираше неколку минути, но ќе видиме колку ќе биде способен за настап бидејќи извесен период беше надвор од тимот“, прокоментира Слот на денешната прес-конференција.
Ливерпул по утрешниот меч во Њукасл на крајот од месецот го очекува и дерби на домашен терен со Арсенал на 31 август, уште еден меч за кој Слот ќе го нема Фримпонг во својот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

