Ливерпул победи со „деца“, Челси го растури Гримзби

Ливерпул се пласираше во четвртото коло од лига-купот на Англија откако вечерва рутински славеше на гостувањето против МК Донс со 0-2. Триумфот е значаен ако се знае дека Клоп го одмори речиси целиот прв тим, па им даде шанса на младите Келехер на голот, Хувер во одбраната и на Џонс, Брустер и Елиот во навалниот ред.

И со таков тим „црвените“ стигнаа до победата, откако Милнер погоди за 0-1 со голема помош на домашниот голман, пред конечните 0-2 да ги постави десниот бек Хувер.

Најубедливи беа фудбалерите на Челси, кои го декласираа Гримзби со 7-1. Победникот беше решен по седум минути игра, откако Челси поведе со 2-0 преку Баркли и Батшуаи, по што до крајот на мечот на „Стемфорд бриџ“ меѓу стрелците се запишаа и Родригез, Зума, Џејмс, Пулишиќ и повторно Батшуаи.

Својот настап во ова натпреварување го заврши премиерлигашот Вест хем, кој неочекувано убедливо загуби со 4-0 на гостувањето против Оксфорд. Во премиерлигашката пресметка Астон вила на гостински терен славеше над Брајтон со 1-3, Бурнемаут загуби со 2-0 на гостувањето против Бартон, а Шефилд јунајтед беше поразен пред своите гледачи од Сандерленд со 0-1.

Се вчитува...