Ливерпул пред потпис со големо засилување

Јирген Клоп е во потрага по нов врвен играч за врска, а управата на Ливерпул е на добар пат да му ја исполни желбата на трофејниот стратег. Алексис Мекалистер од Брајтон ќе биде првото големо засилување за „црвените“ за наредната сезона, откако начелно се договорени личните услови за преселбата на овој одличен играч на „Енфилд Роуд“.

Станува збор за фудбалер кој беше стандарден првотимец на аргентинската репрезентација во походот по златниот медал на СП во Катар, каде и вредноста на Мекалистер вртоглаво скокна. Брајтон бараше 50 милиони евра, по СП сумата скокна на 70 милиони евра, но Ливерпул е подготвен да издвои толку пари за да го осигура потписот на Аргентинецот уште пред завршувањето на сезонава. Клучен дел беа преговорите со самиот фудбалер, кој на крајот дал зелено светло за трансфер, прифаќајќи ги понудените услови за петгодишен договор со Ливерпул.

Само за потсетување, Ливерпул летово ќе остане најмалку без Кеита, Милнер и Окслејд Чембрлен, кои ќе си заминат како слободни играчи, а се најавува и продажба на Тијаго Алкантара, кого честите повреди го спречија да блесне по трансферот од Баерн Минхен.

Се вчитува...