Ливерпул по двете нерешени домашни средби со Евертон и со ВБА денеска одлично на гостински терен против Бурнемаут, декласирајќи го овој противник со преубедливи 0-4.
Поучени од ланскиот меч меѓу овие два тима, на кој Ливерпул прокоцка предност од 1-3 и на крајот загуби со 4-3, овојпат Јирген Клоп и неговите избраници доминираа во текот на сите 90 минути, не дозволувајќи им на домаќините во ниту еден момент да се понадеваат на позитивен резултат.
Мечот почна со извонреден слободен удар на Кутињо што заврши во дирекот, но Бразилецот неколку минути подоцна го совлада Беговиќ. На 0-2 зголеми Дејан Ловрен на асистенција на Фирмино, а пред крајот на првото полувреме прецизен беше и Салах. Конечните 0-4 во второто полувреме ги постави Фирмино, со прецизен удар со глава по центаршутот на Кутињо.
Ливерпул со оваа победа се задржа на четвртото место, со еден бод предност пред петтопласираниот Арсенал, во пресрет на меѓусебниот дуел на овие две екипи наредниот викенд на „Емирати“ во Лондон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА