Ливерпул со стил до 20. титула, Тотенхем демолиран на „Енфилд“

Ливерпул има причина за славје откако тимот на Арне Слот попладнево го демолираше Тотенхем со 5-1, со стил крунисувајќи ја јубилејната 20. титула во клупската историја.

На „црвените“ им беше доволен и бод за да ја осигураат титулата, но избраниците на Слот одиграа уште еден маестрален меч, декласирајќи го гостинот од Лондон за демонстрација на супериорноста што Ливерпул ја покажува во текот на целата сезона.

Интересно, Тотенхем беше тимот што прв поведе преку Соланке, но овој погодок само ги налути „црвените“ кои набрзина ја наполнија мрежата на гостите. Луис Дијаз израмни на 1-1 на асистенција на Собослаи, Мекалистер стрелаше маестрално од дваесетина метри за 2-1, пред Гакпо да зголеми на 3-1.

Четвртиот гол беше дело на Мохамед Салах, додека конечните 5-1 со автогол ги постави Удоги, кој во обид да ја расчисти опасноста пред Салах ја смести топката во сопствената мрежа.

Арне Слот со тоа стана првиот холандски тренер кој стигнал до титула во Премиер-лигата, а Вирџил ван Дајк, прв Холанѓанец кој како капитен ќе го крене премиерлигашиот пехар.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...