Ливерпул е последниот полуфиналист во англискиот лига-куп откако во вечерашната четвртфинална пресметка тимот на Јирген Клоп го демолираше Вест Хем со убедливи 5-1.
„Црвените“ одиграа импресивен меч иако Клоп реши да одмори неколку фудбалери, па мечот го почна без Салах, Алисон, Александер Арнолд и Конате во стартниот тим, но и со комбиниран состав Ливерпул целосно доминираше на теренот.
Собослаи со еврогол од 25 метри го отвори резултатот во првото полувреме, како најава за возбудувањата во вториот дел на „Енфилд“. Во главна улога беше Куртис Џонс со два прекрасни погодоци, еднаш меѓу стрелците се запиша Гакпо, а еднаш и Салах, кој влезе во игра на триесетина минути до крајот.
Вест Хем постигна утешен погодок при 3-0, за 3-1, преку Боувен со првиот удар што гостите го упатија кон голот на Келехер.
Покрај Ливерпул, пласман во полуфиналето од англискиот лига-куп синоќа обезбедија и Челси, Мидлсброу и Фулам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА