Ливерпул стравува за Садио Мане

Големи се шансите Садио Мане да мора да отсуствува подолго време од терените, што би значел сериозен проблем за Ливерпул во битката за место кое води во ЛШ. Јирген Клоп и неговите најблиски соработници денеска ќе ги добијат резултатите од деталните лекарски прегледи врз Сенегалецот, но прогнозите се далеку од позитивни за Мане, откако беше обелоденето дека отокот во пределот на коленото воопшто не се намалил по повредата здобиена на дуелот со Евертон.

Иако не се знае за каква точно повреда станува збор, во таборот на Ливерпул се свесни дека Мане ќе мора да отсуствува нешто подолг период од терените, најверојатно до крајот на сезонава. Во ситуација кога сенегалскиот интернационалец e и најдобар стрелец на „црвените“ јасно е дека неговото отсуство ќе претставува сериозен проблем за Јирген Клоп, кој ќе биде принуден да му даде нова шанса на Дивок Ориги.

За следните две средби, дома со Бурнемаут и гостувањето во Стоук, Клоп нема да може да смета ниту на Лалана и Хендерсон, но добра вест за Германецот е враќањето на Даниел Стариџ, кој од вчера почна да тренира со полна пареа.

Се вчитува...