Ливерпул без апсолутно никакви проблеми славеше убедливо со 3-0 против Нотингем Форест во 10. коло од Премиерлигата на мечот кој целосно мина во знакот на поддршката за Луис Диаз.
Колумбискиот фудбалер на Ливерпул минува низ траорни моменти откако синоќа во неговата родна Колумбија беа киднапирани неговите родители. Целата драма заврши среќно откако двајцата родители беа ослободени по полициската потрага, но Луис Диаз доби слободни денови од Јирген Клоп да може да отпатува и биде овие денови со своето семејство.
Сето тоа не претставуваше пречка за Ливерпул на патот до новата победа, која буквално сите актери на теренот но и цел „Енфилд“ ја одбележаа како поддршка за Луис Диаз.
Ливерпул до водство дојде со голот на Диого Жота во 31. минута, а Нуњез веќе во 35. минута зголеми и на 2-0.
Во второто полувреме, Салах по грешката на гостинскиот голман ги постави конечните 3-0.
Во останатите два попладневни меча, Астон Вила славеше против Лутон со 3-1, а Брајтон и Фулам одиграа без победник, 1-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

