Ливерпул е нов лидер во трката по Иско откако Јувентус се откажал од намерата да го доведе шпанскиот репрезентативец во своите редови. Оваа информација попладнево ја објави италијанскиот весник „Тутоспорт“, според кој „старата дама“ воопшто нема да испраќа понуда за Иско откако веќе го засили средниот ред со Арон Рамзи од редовите на Арсенал.
Иско се уште е оставен на маргините на тимот на Реал од тренерот Сантијаго Солари, па огромни се шансите дека плејмејкерот ќе си замине од Мадрид дури и доколку се случи тренерска смена во наредните неколку месеци. Реал е решен да го продаде овој фудбалер за да собере дополнителни пари во буџетот за засилувања, а сумата што „кралскиот клуб“ ќе ја бара изнесува 80 милиони евра.
На Јирген Клоп му недостига класичен плејмејкер во тимот, а стратегот на Ливерпул е убеден дека овој проблем може да биде решен со ангажман на „кралската ѕвезда“. Ливерпул може да си ја дозволи сумата што ја бара Реал, а лесно може да се случи „црвените“ да ги стартуваат преговорите уште во текот на оваа сезона, со оглед на најавите дека и Манчестер Сити подготвува понуда да го доведе Иско во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА