Бразилскиот ас на новиот англиски шампион, Вилијан откри дека нема намера да го напушти Челси за ривалот Јунајтед и покрај тоа што сезонава го загуби стартното место во првите единаесет. Поранешниот менаџер на „сините“, Жозе Мурињо е голем фан на стилот на Вилијан, бразилскиот репрезентативец беше еден од главните адути на Португалецот во неговата ера на „Стемфорд бриџ“, па смета дека може да го убеди да потпише за „црвените ѓаволи“ со оглед на тоа дека има помала минутажа оваа сезона.
Сепак, Вилијан инсистира дека останува во Лондон, барем додека му трае договорот.
„Јас сум среќен тука, тоа може да се забележи. Во мојата четврта година тука по втор пат сум англиски шампион. Челси ми овозможи да се фалам со тоа, па не можам туку така да го напуштам, особено за ривал. Разбирам дека е фрустрирачки за играч да го загуби местото во првиот тим, но сето тоа е план на тренерот, во кого имаме целосна доверба, а таа доверба ја награди со титула, за неколку дена имаме шанса да освоиме двојна круна. Мојот договор важи до 2020 година, дотогаш јас сигурно ќе останам, за понатаму ќе видиме кога ќе дојде време“ – истакна Бразилецот.
Вилијан сезонава забележа само 13 настапи од првата минута во Премиер лигата, тоа е значително намалена бројка во споредба со минатата сезона, кога беше стартер 32 пати и беше прогласен за најдобар играч на Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА