Сезоната на Јувентус тргна на уште полошо откако „старата дама“ беше елиминирана во 1/16 финалето од Лигата на Шампионите. „Црно-белите“ имаа минимална предност од првиот меч во Торино, но на синоќешниот реванш во Ајндховен загубија од ПСВ по продолженија, за крај на оваа европска авантура.
Она што е интересно, искусниот Мануел Локатели и тренерот Тијаго Мота по мечот се јавија со сосема спротивни изјави околу причините за неуспехот.
„Ова навистина боли, имавме се во наши раце и го фрливме низ вода. Не бевме на посакуваното ниво, не игравме како што знаеме. ПСВ повеќе ја посакуваше победата од нас, тоа е вистината, Се друго се само празни муабети. Треба да се погледнеме во очи, да признаеме што беше погрешно и да го корегираме, ако сакаме да тргнеме напред“, изјави Локатели.
Тренерот Мота се јави со сосема поинакво гледиште за натпреварот, изненаден кога слушна што пред него изјавил италијанскиот репрезентативец.
„Имавме целосна контрола над мечот во првото полувреме, на стартот од второто примивме гол, но веднаш потоа израмнивме. Не можеме да бидеме среќни поради головите што ги примивме, такви работи не смеат да ни се случуваат на ова ниво. Локатели рекол дека тие повеќе ја посакувале победата, дека доминирале? Не се согласувам, одигравме добар меч, но недостигаа детали. Знаевме дека ПСВ е квалитетен ривал, дека ќе напаѓа, но потфрливме во ситници во кои требаше да ги неутрализираме тие закани. Треба да слушнам што точно рекол Локатели, но воопшто не се согласувам со него“, порача Тијаго Мота.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

