Лопетеги му простил 15 милиони евра на Реал

Хулен Лопетеги експресно ја заврши својата авантура на клупата на Реал Мадрид, каде поранешниот шпански селектор издржа само четири месеци. Тој доби отказ по дебаклот на гостувањето против Барселона, но потоа сепак покажа класа откако реши да седне и експресно да се договори со Флорентино Перез околу висината на отштетата што му следува.

Поголемиот дел од тренерите во вакви ситуации инсистираат на целосна исплата, па макар и биле без работа до истекот на актуелниот договор. Во случајот на Лопетеги му следеа 18 милиони евра до крајот на договорот, но тој ја прифати понудата на раководството на Реал за отштета од три милиони евра, простувајќи им на „кралевите“ огромни 15 милиони.

Со тоа Лопетеги експресно е достапен за нов ангажман, во период кога Спартак Москва искажа интерес да го доведе на своето кормило.

Само за споредба, Антонио Конте не сакаше ни да чуе за преговори со Челси инсистирајќи на девет милиони фунти што му следеа за последната година од договорот. Сепак, токму бидејќи договорот не е раскинат сега Челси има право да бара и отштета од Реал ако Италијанецот се пресели во Мадрид, а раководството на англискиот премиерлигаш свесно одолговлекува, што е и една од причините поради кои Конте од фаворит сега важи за аутсајдер во трката за кормилар на „кралевите“.

Се вчитува...