„Лорд Бендтнер“ и официјално ја заврши фудбалската кариера

Поранешниот репрезентативец на Данска, Никлас Бендтнер потврди дека ја завршил фудбалската кариера. Последен клуб за кој играше 33-годишниот напаѓач беше Копенхаген, кој го напушти во јануари 2020 година.

„Лорд“ се обрати кон јавноста, па потврди дека заминува во пензија, иако потенцираше дека ќе му теба време за да сфати дека повеќе нема да игра фудбал.

„Знам дека фудбалот како професија има свој крај. Мислам дека ќе ми треба долго време да сфатам дека ја завршив кариерата. Сега морам да направам нешто друго што ќе ми го даде она што ми го даваше фудбалот. Сакам да продолжам да се занимавам со фудбал, затоа сакам да учам да бидам тренер“, рече Бендтнер.

Данецот дојде во Арсенал на 16 години и во 2005 година тој дебитираше за првиот тим на „Топџиите“. Со клубот од Лондон, тој го освои ФА Купот во 2014 година, и постигна 47 голови на 171 натпревар. Како позајмен играч на Арсенал, тој беше во Бирмингем, Сандерленд и Јувентус.

Никлас се пресели од главниот град на Англија во Волфсбург, а играше и во Нотингем Форест, Розенборг и Копенхаген. Одигра 81 натпревар за репрезентацијата на Данска и постигна 30 погодоци.

Се вчитува...