Тотенхем конечно успеа да се ослободи од Уго Лорис, откако францускиот голман ги мина последните пет месеци греејќи ја клупата на „спарси“ по одбивањето да го напушти клубот во текот на летото.
Лорис тогаш најави дека ќе се бори за првотимски статус во новото засилување Викарио, но откако италијанскиот голман се наметна како прва опција кај новиот тренер Постекоглу, францускиот ветеран нeмаше друг избор освен да си ги спакува куферите шест месеци пред истекот на актуелниот договор со „спарси“.
Американската МЛС-лига ќе биде новата дестинација во кариерата на 37-годишниот чувар на мрежата. Лос Анџелес ФЦ е клубот што успеа да се договори за личните услови со францускиот ветеран, кој по лекарските прегледи ќе потпише едногодишен договор, со можност за продолжување на соработката за уште една дополнителна сезона.
Уго Лорис беше член на Тотенхем уште од 2012 година, кога потпиша за овој клуб од редовите на Лион во трансфер вреден 10 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА