Лош старт на ланските финалисти во ЛШ – Нант поразен од Фленсбург

По шампионот Монпелје кој загуби од Вардар, и вториот финалист од Ф4 турнирот во Келн, тимот на Нант со пораз ја почна новата сезона во Лигата на шампионите. Кире Лазаров и неговите клупски колеги на домашен терен во Нант загубија од Фленсбург со 31-34, во првиот натпревар од Б групата во ЛШ.

Избраниците на тренерот Тиери Анти не успеаја да наметнат игра на стартот на мечот иако во воведните десетина минути одржуваа минимална гол разлика до 6-5. Фленсбург ја презеде иницијативата и водството и со серија од 3-0 се одвои на 14-17, а првиот дел го заврши со водство од 16-18.

На стартот од второто полувреме Нант намали на еден гол негатива, Фленсбург беше тој што го диктираше темпото и  го контролираше резултатот. Во последната четвртина германскиот тим влезе со серија од 5-1 и на девет минути пред крај веќе имаше сигурни +6 (24-30).

Кире Лазаров постигна само два гола од пет обиди, а најефиксани во составот на Нант беа повратникот во составот Валеро Ривера, со шест и Никола Клер со пет гола. Кај Фленсбург листата на стрелците ја предводеше Магнус Род со шет гола.

Во другите денешни натпревари од 1.коло во ЛШ, Силкеборг славеше убедлива победа против Чеховски медведи (39-28), а Целје на домашен терен загуби од Скјерн (26-27)

Се вчитува...