Наполи викендов забележа нова победа во италијанскиот шампионат, но за нас многу поважен од конечниот исход беше фактот дека македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски воопшто не беше во составот.
Андреј е меѓу главните адути на тренерот Репеша и тоа се нема променето, а „наполитанците“ обелоденија дека причината за неиграњето на Македонецот е повреда.
„Дијагностичките испитувања покажаа целосно кинење на внатрешниот кос мускул на десната страна од стомакот кај Јакимовски, при што дошло до одвојување од местото на припој на единаесеттото ребро. Играчот веќе ја започна програмата за терапија и рехабилитација изготвена од медицинскиот тим. Времетраењето на закрепнувањето ќе се утврди врз основа на развојот на клиничката состојба на играчот и неговиот одговор на третманот“, објави Наполи.
Останува да се надеваме дека проблемот не е премногу сериозен и дека Јакимовски ќе биде „фит“ кон крајот на месец ноември кога Македонија ќе ги продолжи настапите од наредната фаза од претквалификаците за Евробаскет 2029.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
