Арсенал ќе има уште потешка задача да го убеди Алексис Санчез на потпишување на нов договор откако ПСЖ влезе во трката за ангажман на одличниот офанзивец. Актуелниот договор на Алексис со „топчиите“ истекува во јуни 2018 година, па доколку Чилеанецот не ја продолжи соработката до крајот на сезонава, огромна е шансата дека тој ќе биде продаден за да не се ризикува наредното лето да си замине без никаква отштета.
Венгер не сака ни да чуе за продажба на својот најдобар фудбалер, но Алексис веќе одби неколку понуди на „топчиите“, онаа последната со неделна плата од 200.000 фунти. Кинеските клубови му нудат над 400.000 фунти неделно на Чилеанецот, но тој барем засега ги одбива и овие понуди, предност давајќи му на лондонскиот клуб.
Сепак, ситуацијата би можела да се промени откако ПСЖ влезе како заинтересирана страна во оваа „приказна“. Арапските газди на францускиот шампион се познати по тоа што не жалат пари за да ги доведат фудбалерите што ги посакуваат во своите редови, па сигурно без проблем ќе издвојат и 300.000 евра неделно, сума за која се шпекулира дека Санчез би прифатил договор. Во ситуација кога лани не доведоа адекватна замена за Ибрахимовиќ, а сезонава тимот игра крајно променливо, „светците“ се решени значително да ги засилат своите редови, а токму Алексис се наоѓа на врвот на листата со желби на директорот Патрик Клајверт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА