Ливерпул прими два гола во самиот финиш, па наместо пет ќе брани „само“ три погодоци предност на реваншот во Рим, но Дејан Ловрен е убеден дека „црвените“ ќе потврдат дека се подобар тим од „римската волчица“ и ќе се пласираат во финалето.
„Навистина, примивме два гола на крајот од натпреварот, имаме добар резултат, но не сме задоволни како одигравме во последните петнаесет минути. Не ја контролиравме топката, умор и пак на концентрацијата доведоа до нивниот гол, но оптимист сум дека можеме да дадеме гол во Рим, бидејќи покажавме дека можеме да создадеме многу шанси против секој противник. Мислам дека е уживање да се гледа Ливерпул, во ист стил ќе се прикажеме и на реваншот, во тој дуел ќе влеземе како да е 0-0, а не како да имаме три гола предност“ – изјави Ловрен.
Рома ги полага своите надежи во чудото направено во четвртфиналето, кога со победа во Рим од 3-0 ја елиминираше Барселона откако го загуби првиот меч со 4-1. Впрочем, „волчицата“ цела сезона на домашен терен во Лигата на шампионите нема примено ниту еден погодок.
„Рома против Барса покажа квалитет, сигурно тоа ќе им даде верба и против нас. Сепак, ние не сме Барселона, ќе одиграме квалитетен меч и убеден сум дека ќе дадеме гол и ќе се најдеме во финалето“ – оптимист е хрватскиот дефанзивец во дресот на Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА