Лозана игра во Европа после 15 години, во 2004 година прогласија банкрот и играа во четвртата лига

Швајцарскиот тим Лозана е следниот предизвик за Вардар во Лигата на Конференции. Сега следува далеку посериозен предизвик од Ла Фиорита од Сан Марино, кој му направи проблеми на Вардар во двете први полувремиња на двата меча, но на крајот Вардар го покажа својот квалитет, и заслужено се пласираше во второто коло.

Сега следува најпрво домашен натпревар со шестопласираниот тим во минатата сезона во најдобрата швајцарска лига, а потоа и реванш на гостински терен.

Во драматичен финиш од сезоната во Швајцарија, на крајот Лозана обезбеди пласман во Лигата на Конференции, а само бод им недостасуваше да дојдат и до Лигата на Европа, но и да ја загубат Европа, затоа што екипата на Луцерн заврши само со еден бод помалку од нив.

Во 38 меча, имаа 14 победи, 11 нерешени и 13 порази, со гол разлика 62-54. Интересен е податокот дека Лозана беше вториот тим со најмалку примени голови во швајцарскиот плеј-оф, после шампионот Базел, кој прими само 43 голови.

А, пред само две сезони Лозана беше член во втората лига, откако во сезоната 2021-22, заврши како последнопласирана екипа во најсилната лига во Швајцарија. Во сезоната 2023-24 само среќата ги спаси од ново испаѓање, а сега завршија во плеј-офот и тоа како шестопласирани.

Од 2005 до 2011 година, Лозана играше во швајцарската втора лига, а во 2010 е последниот настап во Европа. Како тогашни финалисти на Купот на Швајцарија (во финалето загубија со 6-0 од Базел). Играа во групната фаза во Лигата на Европа и имаа повеќе од успешен настап како второлигаши.

Најпрво го минале тимот на Борац Бања Лука, потоа и дански Рандерс, па московски Локомотив на пенали, за во групата да играат против ЦСКА Москва, Палермо и Спарта Прага, и да завршат како последни со само едно реми и пет порази со гол разлика 5:16.

Лозана не е искусна со играње на европски натпревари. Покрај еднаш во Лигата на Европа, играле и двапати во Купот на УЕФА, и еднаш во тогашниот Интер-тото Куп. Има еден настап во Лигата на шампионите, во далечната 1966 година.

Лозана во сезоната 2003-04 го „допре дното“ играјќи во четвртата по ранг лига во Швајцарија. Тогаш беа исфрлени поради банкрот, па мораа да го менуваат името и да почнуваат од почеток. Долги години играа во Втората лига, пред да се вратат во најсилната. Потоа повторно следуваше испаѓање, па повторно промоција, за во минатата сезона да ја завршат „европски“.

Се вчитува...