ЛШ е приоритет за Милан: Пиоли со десет измени во стартниот тим на дуелот со Болоња

Пласманот во полуфиналето од Лигата на Шампионите е приоритет за Милан, па токму затоа Стефано Пиоли подготвува да направи десет измени во стартниот тим за дуелот со Болоња викендов. Причината е јасна, тренерот на „росонерите“ не сака да ризикува да дојде до повреда кај некој од првотимците, па затоа реши да им даде одмор на десетмината играчи во поле, а првотимскиот статус ќе го задржи само голманот Мењан.

Како што најавуваат италијанските медиуми, Калулу и Тиав ќе бидат централни дефанзивци против Болоња, a бековските позиции во одбраната ќе им припаднат на Флоренци и на Бало Туре. Побега и Вранкс ќе бидат задолжени за организација на играта, а овој меч ќе биде прв старт на Вранкс во Калчо-лигата откако потпиша за Милан минатото лето.

Дивок Ориги повторно ќе биде најистурен во нападот и покрај очајното издание против Емполи, а шанса заедно со него ќе добијат Салемакерс, Ребиќ и Де Кетелар.

Последен пат тренер на Милан се решил на ваков потег (десет замени во однос на претходниот меч) во 2007 година против Удинезе, кога шеф на стручниот штаб беше Карло Анчелоти, непосредно пред финалето од Лигата на Шампионите со Ливерпул.

Се вчитува...