Јувентус и Барселона одиграа реми без голови во Торино. Тоа на каталонскиот тим му донесе пласман во нокаут фазата, а „старата дама“ има еден бод предност во однос на Спортинг Лисабон, тимот на Стефан Ристовски, во пресрет на последното коло. Спортинг Лисабон славеше со 3-1 на домашен терен против Олимпијакос, а нашиот интернационалец влезе во игра во последните пет минути од мечот.
Пари Сен Жермен го декласира Селтик со 7-1. Дембеле уште во првата мнута ги налути светците, постигнувајќи гол по само 56 секунди игра, но потоа Нејмар брзо возврати со два гола, а Кавани и Мбапе донесоа 4-1 до полувремето. Во вториот дел стрелаа и Верати, повторно Кавани и Дани Алвеш, за „седумка“ во мрежата на шкотскиот шампион. Тоа е петта победа на ПСЖ во петтиот меч.
Манчестер јунајтед го доживеа првиот пораз, на гости против Базел со 1-0. Михаел Ланг во 89.минута ја затресе мрежата на „црвените ѓаволи“.
Атлетико Мадрид конечно стигна до триумф во ЛШ, но се чини дека сето тоа е задоцнето. Тимот на Диего Симеоне славеше со 2-0 против Рома. Гризман со фантастичен удар со ножички донесе водство, а по исклучувањето на Бруно Перез, вториот гол беше дело на Кевин Гамеиро.
Баерн Минхен триумфираше на гости против Андерлехт со 1-2. Левандовски и Толисо беа стрелци за баварскиот тим на овој меч.
Лига шампиони, резултати
Група А: Базел – Манчестер јунајтед 1-0, ЦСКА Москва – Бенфика 2-0
Група Б: Андерлехт – Баерн Минхен 1-2, ПСЖ – Селтик 7-1
Група Ц: Атлетико Мадрид – Рома 2-0, Карабах – Челси 0-4
Група Д: Јувентус – Барселона 0-0, Спортинг Лисабон – Олимпијакос 3-1
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА