Сензацијата наречена Клаксвик од Фарските Острови, продолжува да реди победи во квалификациите во Лигата на шампионите, и се најде пред пласман во плеј-офот во најелитното европско натпреварување. Вечерва на стадионот во Торшавн, оружјето го положи и Молде. Стана јасно и претходно дека Клаксвик ќе игра во групна фаза на едно европско натпреварување, и тоа може да биде во ЛШ.
Клаксвик вечерва губеше од Молде откако Еикрем во 49. минута донесе водство за Норвежаните, и се чинеше дека сонот на „Фараните“ ќе заврши. Но, така не мислеше Фредериксберг кој со два убави гола го „потопи“ и норвешкиот шампион, па така сега со предност патува на реваншот во Норвешка. Ако успее да издржи, тогаш Клаксвик ќе се пласира во плеј-офот во ЛШ, и најмалку ќе има пласман во групите во Лигата на Европа.
Во следната фаза веќе е пласиран тимот на ПСВ Ајндховен, кој на домашен терен го совлада Штурм Грац со 4-1. Бабади, Де Јонг два пати и Сангаре беа стрелци на головите, додека Горенц-Станковиќ погоди за Штурм. Победата на ПСВ можеше да биде поубедлива, со оглед дека тимот на Петер Бош имаше уште неколку добри шанси.
Копенхаген и Спарта Прага одиграа без голови на првиот меч, и победникот ќе се решава во Прага, додека полски Раков го совлада Арис Лимасол со 2-1.
Србија се чини ќе нема двајца претставници во групната фаза во ЛШ, откако тимот на ТСЦ загуби на гостувањето кај Брага со 3-0. Португалскиот тим беше супериорен во текот на целиот меч, и постигна два гола за две минути во првото полувреме, а во вториот дел искористи една грешка на гостите за да постигне и трет гол, со кој веројатно ќе оди во плеј-офот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

