Перфектниот старт на Алборг во Лигата на Шампионите беше запрен со првиот овосезонски пораз на данскиот гигант, кој загуби на гостувањето против Пик Сегед со резултат 34-27.
Мечот во Унгарија беше израмнет до 11-11, кога домашниот тим успеа да се одлепи и на одмор да замине со предност од четири гола (20-16). Хансен и компанија дојдоа на само еден гол разлика на стартот од второто полувреме (22-21), но Пик Сегед влезе во нова серија, резултатски се одлепи и заслужено стигна до победата со убедливи седум гола разлика (34-27). Марио Шоштариќ со девет постигнати гола беше клучна фигура во победничкиот тим, додека прв стрелец на Алборг беше Хансен со шест гола, но и исто толку промашувања.
Киелце славеше на домашен терен над ПСЖ со 30-29 во дерби дуелот од ова коло во Лигата на Шампионите. Полскиот првак имаше предност во речиси целиот натпревар, во финишот водеше со 30-26, гостите од Париз успеаја да постигнат три гола во низа, но немаа доволно време за целосен камбек во натпреварот.
Шичко со осум и Карачиќ и Морито со по шест гола беа најдобри поединци во редовите на Киелце, додека во тимот на Раул Гонзалес се истакна полскиот пивот Сипжак со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА