Паузата заврши, време е за врвен европски фудбал. Нокаут фазата во Лигата на шампионите ќе стартува со вечерашната пресметка меѓу ПСЖ и Барселона, еден од најинтересните осминафинални дуели во елитното европско натпреварување. Двајцата тренери се соочуваат со проблеми, ПСЖ ќе биде без Тијаго Силва и Мота, додека кај Барселона ќе недостигаат Маскерано и Алеиш Видал, но тоа сигурно нема да го намали спектаклот во кој во главна улога треба да бидат Кавани, Ди Марија и Моура кај „светците“ од Париз и Меси, Суарез и Нејмар од редовите на каталонскиот гигант.
Овие два тима во последните сезони одиграле дури шест меѓусебни натпревари, при што поуспешна била Барселона со три победи, наспроти една на ПСЖ, додека два меча завршиле без победник.
„Добро се познаваме, нема тајни меѓу двата тима. ПСЖ игра на високо ниво во последните натпревар, а нашиот рецепт е едноставен – се што треба да сториме е да одиграме подобро од нив и да победиме. На хартија можеби изгледа лесно, но познавајќи го Унаи Емери и неговите методи на работа јасно ни е дека ќе биде исклучително тешко да се стигне до позитивен резултат. Во 2015 година славевме на овој стадион со 1-3, но никогаш, па ни тогаш не ни беше лесно“ – изјави Луис Енрике.
Унаи Емери беше доведен во ПСЖ за да се обиде да стигне до титулата во Лигата на шампионите, а ждребот дефинитивно не му беше наклонет на тренерот кој во претходните години доминираше во Лигата на Европа со тимот на Севилја.
„Пред нас се две минути интересни средби. Знаеме се за Барселона, но не сметам дека сме инфериорни во однос на било кој ривла во Европа. Имаме одлична екипа, врвни играчи кои веќе подолго време играат заедно и мислам дека сме подготвени да испишеме убава страница во историјата на ПСЖ. Максимално сме мотивирани и едвај чекаме да почне натпреварот“ – истакна тренерот на францускиот првак.
Барселона при последното гостување на „Паркот на принцовите“, во април 2015 година, славеше против ПСЖ со 1-3, меч во кој Суарез доминираше во дуелите со Давид Луиз, постигнувајќи два погодоци (еден гол беше дело на Нејмар). ПСЖ има скор од шест победи, пет реми и два порази на досегашните домашни средби против ривали од Шпанија. „Светците“ се без победа на последните пет дуели со шпанските, вкупно дома и на гостински терен. Барса забележа две победи, три реми и еден пораз на последните шест гостувања во Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА