ЛШ: Радост за Манасков, тага за Митревски

Дејан Манасков и Веспрем стигнаа до нова победа во Лигата на Шампионите, триумфирајќи на гостувањето во Данска против Алборг со 27-33. Првото полувреме заврши со предност на Данците од 18-15, но унгарскиот првак целосно ја презеде контролата во вторите 30 минути, направи целосен пресврт и стигна до триумф. Манасков беше стрелец на три гола за Веспрем, каде најефикасни беа Ненадиќ и Јахија со по шест погодоци.

Никола Митревски и Порто имаа предност од пет гола во текот на првото полувреме, но не успеаја да ја задржат и на крајот загубија со 31-34 од ПСЖ. Македонскиот голман овој меч го проследи од клупата, на голот на Порто бранеше Квинтана, но со оглед на неговата потпросечна партија за очекување е Митревски наскоро да се врати во улога на прв голман на португалскиот шампион. Микел Хансен беше најефикасен со девет погодоци во мрежата на Порто.

Суперинтересно беше на дуелот меѓу Фленсбург и Брест Мешков што заврши без победник, 29-29. Белорускиот состав беше на чекор до сензација, но Семпер со гол во самата завршница спаси бод за Фленсбург на овој натпревар.

Се вчитува...