Македонскиот првак Шкендија вечерва (19 часот) го игра реванш мечот од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите против молдавскиот шампион Шериф Тираспол. Со триумф од 1-0, избраниците на Ќатип Османи заминаа за Молдавија, со мисла да постигнат барем еден гол и да се пласираат во следната рунда, каде ги очекува австрискиот Салцбург.
„Имаме минимална предност од првиот меч во Скопје, но нема да ја браниме. Ќе играме отворено, со желба да постигнеме најмалку еден гол. Мислам дека тоа би бил клучниот фактор за наш пласман во третата рунда од квалификациите во ЛШ. Верувам во квалитетот на мојот тим и се надевам дека ние на крајот ќе се радуваме“, изјави шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ќатип Османи.
Капитенот Арменд Алими смета дека Шкендија мора да истрча на теренот како воопшто да нема предност и да одигра најдобро што знае, доколку сака да обезбеди двомеч со Салцбург.
„Предноста што ја имаме од првиот меч не ни дава можност воопшто да калкулираме и да се одлучиме да ја браниме. Мора да бидеме максимално концентрирани и да одиграме врвно, доколку сакаме да ја оствариме нашата цел“, истакна Алими.
Бесарт Ибраими од слободен удар го постигна единствениот погодок за Шкендија на првиот натпревар против Шериф Тираспол пред седум дена, на арената „Филип Втори“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА