Неколку интересни резултати на вечерашните реванш натпревари од 1. квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Големо изненадување претставува победата на Карабах над Лех Познањ од високи и убедливи 5-1. Азербејџанскиот првак го совлада полскиот и покрај тоа што Лех водеше уште во 1. минута, а имаше и предност од првиот меч одигран во Познањ.
Карабах уште по првиот дел направи пресврт, а во вториот дел постигна уште три гола за целосен „потоп“ на полскиот првак. Азербеџанците во 2. коло ќе играат против Цирих.

Шокантна елиминација доживеа и албанскиот првак Тирана. Иако по првиот меч Дуделанж влезе со предност, на реваншот во Тирана, гостите од Луксембург дојдоа до 0-2, а Тирана само успеа да намали во 78. минута. За домашниот тим играа Најдовски, Тошевски и Тотре, додека на клупата се најде Бесар Исени.
Ердал Ракип продолжува во следната фаза, и покрај ремито од 3-3 против исландски Викингур. На првиот меч Малме победи со 3-2, па на Исланд замина со минимална предност. Сепак, водството од 1-3 гарантираше сигурен пласман во 2. коло, меѓутоа Викингур дојде до израмнување, и до неизвесен финиш. Шведскиот првак на крајот издржа и отиде во 2. коло каде ќе игра со литвански Жалгирис кој по продолженијата успеа да го мине косовскиот тим Балкани. Ракип влезе во игра во 63. минута.
Зрински доживеа елиминација од молдавски Шериф, а Шемрок од Ирска отиде во следната фаза благодарение на ремито без голови против Хибернианс (првиот меч Шемрок го доби 3-0).
Лудогорец, пак, беше подобар во двомечот со Сутјеска од Црна Гора. И на реваншот Бугарите победија со 1-0, и со вкупни 3-0 се пласираа во следната фаза, каде ќе се сретнат со Шемрок. Во следната фаза се пласираше и Хелсинки кој го совлада Рига и ќе игра во следното коло со Плзен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

