Македонската одбојкарска репрезентација ќе влезе во предизвиците во 2018 година со нов селектор. Изборот на раководството на Одбојкарската Федерација на Македонија падна врз Љубомир Травица, кој на кормилото на нашиот национален тим ќе го наследи Драгутин Балтиќ.
„Едно од најпознатите тренерски имиња во светот, Љубомир Травица ќе ја предводи машката сениорска репрезентација во квалификациите за Европско Првенство и Европската лига. Се надеваме на историски успех“ – соопшти ОФМ преку својот официјален профил на фејсбук.
Травица имаше добра играчка и тренерска кариера во Италија. Како селектор на Србија и Црна гора освои бронза на ЕП во 2005 година, како и сребро и бронза во светската лига. Тој до пред неколку сезони беше селектор на Иран, за лани да се врати во Хрватска и да седне на клупата на Младост од Загреб.
Неговиот син Драган настапува за репрезентацијата на Италија, со која во 2016 година стигна до сребро на ОИ во Рио де Жанеиро.
Македонија се надева конечно да се закити со златен медал во рамките од Европската лига, откако ОФМ ја зеде и организацијата на завршниот Ф4 турнир што ќе се игра во Скопје на 15 и 16 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА