Љуботен се закити со трофејот во Купот на Македонија за жени

Фудбалерките на Љуботен третпат во низа го освоија трофејот во Купот на Македонија. Во денешното финале, Љуботен славеше против Тиверија Брера со 3:0 (1:0) на Т.Ц. „Петар Милошевски“.

Резултатот беше отворен во последната минута од првото полувреме со голот на Огочукву Охадиле. Нигеријката ја искористи лошата одбрана на струмичанки кои направија неуспешна офсајд замка и следуваше атрактивен лоб-гол на Охадиле за 1:0.

Девојките од Тетово во одличен момент го удвоија водството. Дадоа и втор гол на стартот на второто полувреме и одново стрелец беше Охадиле, одново со лоб удар. По лошата реакција на голманката на Тиверија, нигериската напаѓачка ја смести топката во мрежата за 2:0 во 49. минута. Стрелец на третиот погодок беше Ева Величковска која ги постави конечните 3:0 во 89. минута.

За Љуботен ова е четврти трофеј, третиот во низа од Купот на Македонија. Тиверија Брера остануваат на пехарот освоен во сезоната 2017/18. Поразени во финалето беа уште двапати во 2016/2017 и 2018/2019.

Се вчитува...