Луд меч на ТФТ: Од -12 благодарение на Костовски до дополнителни пет минути и историска победа во АБА2

ТФТ стигна до историската победа во АБА2 откако во 6. коло славеше против Подгорица со 93-95 во супердраматичен натпревар. Црногорскиот тим го натскока македонскиот со неверојатни 28-4 во фазата на нападот, но немаше одговор за неверојатниот Александар Костоски кој реализираше 18 поени во последната четвртина, a потоа со миранта рака од линијата за слободни фрлања донесе и победа.

Подгорица се обиде да го наметне својот ритам во играта на низок пост преку високите играчи на отварањето на натпреварот, но и покрај „ниската петорка“, ТФТ успеа да го одбие обидот на противникот, а и да одговори преку Николов и Батрик во нападот за одржување на предноста (14-17). Проблеми за црногорскиот тим создаваше и играта „два на два“ па македонскиот состав стигаше до лесни поени, но благодарение на поените од втора шанса Подгорица беше таа која поведе со 26-24 по 10. минути игра. Подгорица го заштити рекетот на отварањето на втората четвртина, а успеа да влезе во серија во обидите за три и полудистанца па стигна до двоцифрена предност (36-24). Црногорскиот тим продолжи да го диктира темпото благодарение на добрата одбрана која ја сопре играта „два на два“ и го примора ТФТ на изгубени топки па во еден момент поведе и со највисоките 42-27, но „црно-белите“ навремено ги консолидираа своите редови. Агресивната одбрана не дозволи поени во следните четири минути, а истата проследена со решението на Николов во рекетот и мирната рака на Бишоп и Костовски ја намали негативата на пристојни 43-37 на полувремето.

ТФТ стигна до отворени обиди, но не ги реализираше на отварањето на второто полувреме, додека Подгорица продолжи да го полни рекетот на македонскиот тим па ја врати двоцифрената предност (47-37), но истата не траеше долго. Избраниците на Смилковски одговорија со своето најдобро оружје – шутот за три поени па серијата на Костовски и Андрерсон експресно ја врати негативата на само еден напад (53-30). Доброто напаѓачко темпо на ТФТ не траеше долго во продолжението од третата четвртина постигна само пет поени, а Подгорица одговори на спротивната страна преку Ѓуришик и Вујишиќ. Во полза на македонскиот тим не беше ни четвртата лична грешка на Батрик и лошата форма на Мекбрајер па „сино-белите“ се вратија на +12 (67-55) по 30. минути игра. Враќањето на Батрик донесе стабилност во играта на ТФТ, а во претпознатлив ритам влезе и Костоски. Искусниот екс репрезентативец реализираше четири обиди за 10 поени во низа, надоврзувајќи се на серијата на Ташовски па го врати и македонскиот тим во игра (71-70).

Скопскиот состав продолжи со одличната одбрана која не дозволи лесни поени па стигна и до изедначување (77-77), а имаше и четири прилики за водство кои не го искористи. Изгубените топки на Ташовски и Мекбрајер, лошите обиди на Андерсон го чинеа македонскиот тим, а Фофана донесе предност од 79-77. А, тогаш на сцена настапи Александар Костоски кој со две тројки во низа донесе предност од 80-82 за ТФТ на 13 секунди до крајот. Вујишиќ реализираше од линијата за слободни фрлања по прекршокот на Мекбрајер за ново изедначување, а Американецот не реализираше во последниот обид од регуларниот дел од мечот за дополнителни пет минути.

Во нив ТФТ не можеше да смета на Николов кој заработи пет лични грешки во последната четвртина, но „црно-белите“ успеваа да го исконтролираат скокот, а со тоа и да стигнат до предност преку Мекбрајер кој одигра меч за заборав во регуларниот дел, но реализираше пет поени во продолжението. Сепак во финишот до офанзивни скокови стигнаа кошаркарите на Подгорица, а со поените од втора шанса останаа во игра. Брновиќ по скокот во напад имаше шанса да донесе изедначување, но промаши во вториот обид за 91-92, а мирната рака на Костоски донесе историска победа.

Со 28 поени, 9 асистенции и 5 скока Костоски беше лидер на ТФТ, додека него го следеше Андерсон со 13 поени. По 12 поени додадоа Батрик и Ташовски.

Се вчитува...