Луд меч во Фиренца: Три гола, три промашени пенали и радост за „виолетовите“

Фиорентина славеше со 2-1 над Милан во последниот меч од седмото коло во Серија А, дуел што долго ќе се памети по трите промашени пенали на фудбалерите од двата табора. За Милан ова беше прекин на серијата од три победи, додека Фиорентина конечно се разбуди и во седмата рунда стигна до својата втора овосезонска победа.

„Виолетовите“ први добија шанса да го отворат резултатот од белата точка, но Мењон жива ја фати топката по ударот од единаесет метри на Кин. Фиорентина сепак прва поведе преку Адли, поранешниот фудбалер на Милан му пресуди на екс-тимот со извонреден удар од петнаеетина метри што заврши во долниот агол од голот на гостите.

„Росонерите“ имаа две шанси за израмнување од пенал, но Де Хеа потсети на своите најдобри денови во кариерата запирајќи ги двата удари од белата точка на гостинските фудбалери. Првиот беше досуден пред крајот на првото полувреме, Тео Хернандез ја зеде топката, но Шпанецот го запре неговиот обид. Во второто полувреме повторно беше покажано на белата точка, овојпат Абрахам го изведе пеналот, но Де Хеа и овојпат излезе како поуспешен.

Милан сепак успеа да израмни преку Пулишиќ, но и тоа не беше доволно за да се стигне до позитивен резултат бидејќи Фиорентина до крајот постигна и втор гол, Гудмундсон стрелаше прецизно од работ на шеснаесетникот за 2-1 и огромна радост на домашните фанови во Фиренца.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...