„Луди наполитанци“ – Жена го избола мажот поради фудбал

Навивањето за Наполи заврши драматично за 40-годишен навивач, кој заврши во болница откако неговата сопруга го избола со нож за време на расправија предизвикана од фудбалски натпревар.

Инцидентот се случил изминатиов викенд во населбата Каподимонте во Неапол, додека двојката го гледала натпреварот од Серија А меѓу Аталанта и Наполи, кој тимот од Бергамо го доби со 2-1. Натпреварот предизвика нервоза кај домашниот тим од самиот почеток, особено по контроверзната одлука на ВАР со која беше поништена претходно досудената казна за Наполи.

Разлутен од случувањата на теренот, навивачот гласно пцуел за време на натпреварот лут на одлуките на судијата и играта на неговиот тим. Сепак, според полицијата, неговата сопруга погрешно ги протолкувала извиците, верувајќи дека навредите биле упатени лично кон неа.

Недоразбирањето брзо се претворило во сериозна расправија. Според полицискиот извештај, жената го обвинила својот сопруг дека ја навредил, а откако тој одбил да ја напушти просторијата, ситуацијата ескалирала.

Прво, таа фрлила ножици кон него, кои не го погодиле, но конфликтот не завршил тука. Потоа зела кујнски нож и го пробола во стомакот. Повредениот маж, и покрај шокот и крварењето, успеал да ги повика службите за итни случаи, прво бројот 112, а потоа и медицинска помош.

Според истрагата, жената продолжила да фрла ножеви кон мажот, од кои едниот завршил во ѕидот на станот.

Полицијата набрзо пристигнала на местото на настанот и затекнале хаотична ситуација. 35-годишната жена е уапсена и обвинета за семејно насилство, нанесување тешки телесни повреди и нелегална употреба на ладно оружје.

Повредениот навивач е пренесен во болница каде што лекарите потврдиле дека неговиот живот не е во опасност. Медицинскиот персонал истакнал дека брзата реакција на службите за итни случаи била клучна за да се избегнат посериозни последици.

Се вчитува...