Луди победи на Фиорентина и на Лацио

Фиорентина и Кремонезе одиграа суперинтересен натпревар во првото коло од Калчо-лигата, меч со големи голмански грешки во кој „виолетовите“ славеа со погодокот што во 95. минута го постигна Мондрагора.

Бонавентура го отвори резултатот во корист на домашниот тим, но Кремонезе успеа да израмни преку Окереке во 19. минута. Лука Јовиќ со својот прв калчолигашки гол во дресот на „виолетовите“ повторно ја донесе Фиорентина во водство, а домаќините од 44. минута имаа и играч повеќе по црвениот картон на Ескаланте. И тоа не беше доволно за Фиорентина да стигне до цел плен бидејќи Кремонезе со храбра игра успеа да израмни, и тоа со гол постигнат директно од корнер.

На крајот, „виолетовите“ сепак се радуваа на победа, откако Мандрагора погоди во 95. минута, со еден центаршут што одеше на вториот дирек, а гостинскиот голманРаду  ја фати топката, но заедно со неа заврши во мрежата.

Суперинтересно беше и во Рим, каде Лацио со пресврт во второто полувреме ја совлада Болоња со 2-1. Успехот е уште поголем ако се знае дека Лацио од седмата минута остана без голманот Максимиано, кој заработи директен црвен картон. Болоња преку Арнаутовиќ стигна до водство, но силите на теренот се израмнија откако Сумаоро заработи црвен картон пред самиот крај на полувремето. Де Силвестри со автогол во мрежата на Болоња донесе израмнување, а пресвртот го комплетираше Чиро Имобиле, со погодок за тотална еуфорија на „Олимпико“.

Се вчитува...